Сервис за градежна механизација со администрација

Објектот на сервисот за градежна механизација е лоциран во Индустриската Зона Визбегово, на излезот на Скопје. Во локацијата е поставен слободно, а пристапен е преку сервисен пат кој се одделува од магистралниот пат.Објектот е составен  од  две функционални единици- административен дел и сервисна хала. На приземјето е сместен делот за продажба и контакт со клиенти, работилница и простории за вработените, преку кои може да се пристапи и до сервисниот простор. На катот се сместени канцелариите на раководниот тим, мал апартман за времено сместување на гости, како и магацински дел.

Во обликовна смисла , идејата започнува од два независни волумени, кои подоцна се поврзуваат и  преминуваат од еден во друг. На тој начин тие создаваат една доминантна, компактна, моќна и  динамична структура.  Визуелно дефинирање на административниот дел е направено преку транслуцентните стаклени отсечоци на фасадите,  прилагодени кон формата  на објектот. Дополнителен ефект се постигнува преку тенките прозорски отвори, кои  ја обединуваат обвивката. Тие излегуваат од рамнината на ѕидот во обид да создадат игра на светло и сенка по надворешноста на објектот.